12/06/2026
Во рамките на регионалната мисија со ИПА проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, денес во Основниот суд во Струмица се одржа состанок на претставници на Секторот за пробација и хрватски експерти со претседателката на судот Тања Малинова и судиите кои постапуваат во кривична материја.
На состанокот, судиите од Основниот суд во Струмица и хрватските експерти за пробација – Горан Бркиќ, Весна Зелиќ Ферензиќ и претседателката на Судот во Госпиќ Дубравка Рукавина ги споделија своите позитивни искуства од практичната примена на пробацијата во Хрватска и Македонија.
12/06/2026
Одржана работна средба и теренска посета за унапредување на правдата за децата
На 12 јуни 2026 година, во организација на Хелсиншкиот комитет за човекови права, се одржа работна средба и теренска посета на Воспитно-поправниот дом (ВПД) Волковија – Тетово. На настанот учествуваа претставници од Управата за извршување на санкции, Академијата за судии и јавни обвинители како и судии од основните судови и Апелациониот суд Скопје кои постапуваат во предмети поврзани со деца.
Преку непосредна посета на ВПД Волковија, присутните имаа можност директно да се запознаат со условите и тековните процеси во институцијата.
Се отвори конструктивна дискусија за практичната примена на Законот за правда за децата и специфичните предизвици со кои се соочува ВПД Волковија во работењето. Дополнително, беа разменети искуства и предложени можни начини за понатамошно унапредување на системот на заштита на правдата на децата.
Оваа активност се спроведе во рамките на проектот „Зајакнување на човековите права и услуги за децата и ранливите лица во ризик во затворени институции“, финансиран од Европската унија.
11/06/2026
Во рамките на ИПА проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, денес во Основниот суд во Кавадарци се одржа состанок на претставници на Секторот за пробација и хрватски експерти со претседателката на судот Елизабета Петковска и судиите кои постапуваат во кривична материја.
На состанокот, хрватските експерти за пробација – Горан Бркиќ, Весна Зелиќ Ферензиќ и претседателката на Судот во Госпиќ Дубравка Рукавина ги споделија своите позитивни искуства од практичната примена на пробацијата во Хрватска.
За време на состанокот, нагласена беше улогата на пробацијата во успешната ресоцијализација на сторителите и во спречувањето на повторно извршување на кривични дела, преку ефективна и поголема примена на истата.
10/06/2026
Како дел од планираните активности на Управата за извршување на санкциите и ИПА проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, оваа недела се одржува регионална мисија со експерти од Хрватска во Гевгелија, Кавадарци и Струмица.
За време на мисијата, хрватските експерти-началникот на Секторот за пробација Горан Бркиќ и раководителката на службата за развој Весна Зелиќ Ферензиќ заедно со пробациските службеници во локалните пробациски канцеларии од овие региони работеа на ревидирање на Инструментот за проценка за потребите од социјална реинтрегација на сторители, како и примена на техники на интервјуа со осудени и обвинети лица.
Притоа, денес директорот на Управата за извршување на санкциите Александар Пандов заедно со хрватските експерти Горан Бркиќ и Весна Зелиќ Ферензиќ, претседателката на судот во Госпиќ Дубравка Рукавина и директорката на затворот Гевгелија Слаѓана Стаменковска имаа состанок во Основниот суд во Гевгелија со претседателката на судот Маја Аврамова и судии кои работат на кривична материја.
На состанокот се разменија позитивни искуства од практичната примена на пробацијата, притоа истакнувајќи ги бројните придобивки од поголема примена на истата.
10/06/2026
Директорот на Управата за извршување на санкциите, Александар Пандов денес потпиша меморандуми за соработка за извршување на општокорисна работа како вид на алтернативна мерка со градоначалникот на општина Гевгелија Андон Сарамандов, градоначалникот на општина Дојран Илија Тентов, градоначалникот на општина Валандово Ѓоко Камчев и градоначалникот на општина Богданци Блаже Шапов.
Алтернативната мерка Општокорисна работа вклучува осудени лица да работат за доброто на заедницата без надоместок, и истата мерка го зголемува чувството на одговорност кон општеството на осудените лица и ги вклучува институциите во извршувањето на санкциите.
09/06/2026
Секој заслужува втора шанса – заедно градиме патеки кон посветла иднина!
Денес, Директорот на КПУ Затвор Скопје, Бобан Утковски, одржа работна средба со Иван Штерјоски, менаџер на проектот „Зајакнување на младите преку нови можности 2“, кој го имплементира СОС Детско Село.
На состанокот беа разгледани можностите во иднина да се имплементираат програмите и методологиите за развој на животни вештини, вработување и кариерно советување за млади лица кои издржуваат казна затвор во КПУ Затвор Скопје.
Заедничката цел е да се создадат услови за зајакнување на младите осудени лица и да им се овозможи полесен пристап до пазарот на трудот, како значаен чекор кон самостоен живот и успешна интеграција во општеството.
Се очекува овие активности да придонесат кон поуспешна ресоцијализација и реинтеграција на младите лица, преку стекнување нови знаења, вештини и можности за одржливо вработување, со што ќе се намали ризикот од повторно сторување кривични дела.
Ресоцијализацијата е процес кој бара институционална поддршка, партнерство и заедничка посветеност. Само преку соработка и верба во можноста за промена можеме да создадеме подобри можности за секој поединец.
09/06/2026
Успешно реализиран уште еден значаен проект во КПУ Затвор Струмица!
Комплетно е реновирана застарената електрична инсталација која со години создаваше проблеми во секојдневното функционирање и претставуваше безбедносен ризик.
Покрај целосната обнова на внатрешната мрежа и новото надворешно осветлување, во установата е вграден и нов индустриски агрегат за струја со комплетна пропратна инсталација.
Со оваа инвестиција, КПУ Затвор Струмица добива целосна енергетска независност – во случај на дефект или прекин во мрежата на ЕВН, агрегатот автоматски се активира, обезбедувајќи непречено функционирање и максимална безбедност на објектот.
05/06/2026
Денес се одржа завршната показна вежба како дел од обуката за Единицата за интервенции на затворската полиција. Вежбата се одржа во касарната во Ѓорче Петров во соработка со Единицата за брзо распоредување при Министерството за внатрешни работи.
На настанот присувствуваше Директорот на Управата за извршување на санкциите, Александар Пандов, како и директорите на казнено-поправните и воспитно-поправните установи.
Голема благодарност до ЕБР за соработката и логистичката поддршка за оваа обука за припадниците на затворската полиција.
На сите кои ја завршија обуката им честитаме и им посакуваме успешна работа во Единицата за интервенции на затворската полиција!
04/06/2026
Во КПУ Затвор Гевгелија по подолг временски период извршена е реконструкција на санитарните јазли во управната зграда, при што се заменети подните и ѕидните плочки и се изврши замена на внатрешните врати. Со оваа инвестиција значително се подобрени хигиенските услови, функционалноста и изгледот на работниот простор, создавајќи попријатна и побезбедна работна средина за вработените.
03/06/2026
Согласно Годишниот план за обука и стручно оспособување, вработените од КПУ Затвор Битола на ден 02.06.2026 година реализираа обука за ракување и боево гаѓање со службено оружје на стрелиштето Бимбил Камен – Битола.
Обуката опфати гаѓање со службен пиштол М57 и автоматска пушка М70АБ2 калибар 7,62 мм. Активноста беше спроведена согласно предвидените мерки и процедури, а вработените успешно ги реализираа планираните задачи од програмата за обука.