23/04/2026
Официјална посета на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, со висока владина делегација, на Виена, на покана на канцеларот на Австрија, Кристијан Штокер
Австрија е голем пријател и поддржувач на нашиот европски пат. На разговорите фокусот беше ставен на унапредување на соработката во економијата, инфраструктурата, енергетиката, животната средина и дијаспората како нераскинлив дел од нашата татковина.
14/04/2026
Почитувани,
Известуваме дека започнува рокот за аплицирање по Јавниот повик за проектни апликации наменет за правни и физички лица од редовите на дијаспората за 2026 година. Повелете линк до Јавниот повик:
https://mfa.gov.mk/mk-MK/informacii-od-javen-karakter/javni-oglasi/javen-povik-za-proektni-aplikacii-od-dijaspora
Се надеваме на бројни апликации!
22/12/2025
Импресивен гала божиќен концерт – „Од Виена со љубов“
Вечерниот концерт во реномираната Ербар сала ѝ понуди на публиката навистина незаборавно уметничко искуство преку извонредната изведба на македонските уметници Ѓорѓи Петрушевски (обоа), Јордан Петрушевски (пијано) и Дешира Крлиу (сопран).
Концертот беше обележан со исклучителен музички квалитет и уметничка префинетост. Дешира Крлиу ја воодушеви публиката со своите моќни и експресивни вокали, додека обоата на Ѓорѓи Петрушевски и пијаното на Јордан Петрушевски понудија чувствителна и виртуозна инструментална основа. Тројцата уметници демонстрираа извонредна уметничка синергија и сценско присуство, преку внимателно избраниот популарен репертоар, во комбинација со елегантен сценски мизансцен. Музиката, гласот и визуелната презентација беспрекорно се споија во кохерентен и убедлив настап.
Публиката одговори со ентузијастички овации, јасен доказ за извонредноста на уметниците и емоционалното влијание на концертот. Вечерта уште еднаш го потврди високото ниво на македонската музичка уметност и нејзината силна резонанца со виенската (културна) јавност.
02/12/2025
“Едно музичко празнување во духот на Божиќ“
ГЕОРГИ ПЕТРУШЕВСКИ – обоа, режисер
ЈОРДАН ПЕТРУШЕВСКИ – пијано
ДЕШИРА КРЛИУ– сопран
Датум и време:
Среда, 17 декември 2025
19:30 – 20:30часот
Место на одржување:
Ehrbar Saal
Mühlgasse 30, 1040 Виена, Австрија
https://ehrbarsaal.at/konzerte/christmas-gala-from-vienna-with-love/
“Ein musikalisches Fest zur Weihnachtszeit”
GEORGI PETRUSHEVSKI -Oboe, Regisseur�JORDAN PETRUSHEVSKI -Klavier�DESHIRA KRLIU -Sopran
Datum & Uhrzeit:
Mittwoch, 17. Dezember 2025
19:30 bis 20:30 Uhr
Veranstaltungsort:
Ehrbar Saal
Mühlgasse 30, 1040 Wien, Österreich
https://ehrbarsaal.at/konzerte/christmas-gala-from-vienna-with-love/
28/11/2025
Работна посета на делегација од Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, предводена од директорот Рефик Џемаили. Остварени средби во Стопанската комора на Австрија и во македонската Амбасада. Тема на разговор на средбите беше договарање промотивни активности на Агенцијата во 2026 година, во соработка со Стопанската комора на Амбасадата.
Во рамките на својот престој во Виена, делегацијата посети неколку австриски компании заинтересирани за соработка со Северна Македонија и беа договорени натамошни контакти заради идентификување на полињата за соработка.
24/11/2025
Учество на Проф. Д-р Трајко Славески, гувернер на Народната банка на Р. Северна Македонија на Конференцијата за европска економска интеграција (CEEI 2025) - Финансиската иднина на ЈИЕ (CESEE): финансирање на растот и иновациите, во Виена, во организација на народната банка на Австрија.
Констатирајќи дека Европа во актуелниот моментум се соочува со повеќе предизвици, вклучувајќи ја економската фрагментација и послабите економски перформанси на главните трговски партнери, на Конференцијата, меѓу другото, се дебатираше за тоа, кои инфраструктурни и регулаторни реформи се потребни за развој на пазарите на капитал, кои финансиски системи се потребни за поддршка на идниот раст, иновациите и конвергенцијата.
Гувернерот Славески говореше на Панелот на Гувернери, на теми: Статус кво на пазарите на капитал во ЈИЕ; Колку се важни прекуграничните иницијативи и соработка; Каква улога играат финтек иновациите; Кои се потенцијалните импликации за финансиската стабилност. Во своето обраќање, меѓу другото, гувернерот Славески истакна дека македонските банки активно инвестираат во дигитализацијата, вклучувајќи биометриска идентификација, технологии во облак и вештачка интелигенција, а соработката со финтек-компаниите расте. Народната банка работи и на регулативни мерки за заштита од онлајн измами и од злоупотреба на личните податоци, како и на подигање на финансиската и дигиталната писменост.
23/11/2025
Импресивен настап на КУД Македонка – Виена по повод 15-годишнината од основањето на Друштвото. Изведбата на програмата на Ансамблот беше на еден завидно професионален начин, претставувајќи се како вистински репрезенти на македонската култура, уметност, традиција и фолклор во Р. Австрија, и пошироко. Им посакуваме уште многу успешни јубилејни концерти.
Искрени честитки и до гостите на вечерта: КУД Бранко Радичевиќ, Оркестар Александар, МКД „Св. Кирил и Методиј“ Линц, КСД Бамби, Душко Никовски, Х.С.К.К. Бусовача и Ungarischer Kulturverein Delibab.
Покрај претставниците на македонската Амбасада во Виена, концертот го следеше и директорот на Агенцијата за иселеништво на Р. Северна Македонија, Горан Ангелов.
21/11/2025
Националниот џез оркестар приреди незаборавен настап во реномираниот џез клуб „Порги и Бес“ во Виена, под маестрално водство на диригентот и аранжер Владимир Николов. Концертот беше дел од мини европската турнеја на Оркестарот - Будимпешта, Прага и Виена – насловена како „Македонски соништа“.
„Македонски соништа“ е многу повеќе од музичка програма. Тоа е смел уметнички концепт што го спојува богатството на македонскиот фолклор со динамичниот јазик на современиот џез. Преку оваа единствена фузија, Оркестарот ѝ понуди на виенската публика свежа и модерна интерпретација на македонскиот музички традиционален стил, трансформирајќи ги познатите фолклорни мотиви во современ џез.
Она што се одвиваше на сцената беше настап со исклучително техничко мајсторство, обележано со прецизност, музичка интелигенција и емоционална длабочина - ниво на уметност на кое дури и најголемите џез оркестри во светот би можеле да му позавидат.
Синергијата меѓу музичарите, софистицираните аранжмани и страсната изведба ја направија вечерта навистина посебна, претворајќи ги „Македонските соништа“ во прослава на културниот идентитет, креативноста и универзалниот јазик на музиката.
18/11/2025
Учество на заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски на Виенскиот економски форум.
На отворањето на Форумот, вицепремиерот Николовски истакна дека на земјите од Западен Балкан им е потребна силна економска соработка, повеќе инвестиции, поголема трговска размена, повеќе бизниси, нешто што ќе придонесе кон поголема демократија, просперитет, владеење на правото и заедничка соработка.
Како говорник на панел дискусијата, вицепремиерот Николоски говореше за капитални проекти во нашата држава за изградба на патната и железничката инфраструктура на главните транспортни коридори 8 и 10.
Во рамки на работната посета на Виена, вицепремиерот Александар Николоски оствари средба со Северин Грубер, генерален секретар во Сојузното министерство за економија на Австрија. На средбата беа потврдени добрите билатерални односи, се разговараше и за економската и трговска соработка меѓу двете земји, за реализација на заеднички инвестиции во гасоводната мрежа, економските политики на владите, а беа разменети и мислења и во однос на актуелните политички случувања и нивното влијание врз регионот.
04/11/2025
Повик за пријавување за учество на онлајн дискусија на претставници од дијаспората
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија информира дека во рамки на финалната фаза на изработката на Националната стратегијата за соработка со дијаспората 2025 - 2030, на 10 ноември 2025 година, со почеток во 11:00 часот, ќе одржи онлајн дискусија со претставници од дијаспората, предводена од Државниот секретар на МНРНТ, Елена Кузмановска.
На состанокот, покрај претставниците на македонските здруженија регистрирани во странство, се покануваат да учествуваат и физички лица од редовите на дијаспората кои сакаат да дадат личен придонес во содржината на Стратегијата. Покрај претставници од МНРНТ, на состанокот ќе учествуваат и членовите од работната група за изработка на Стратегијата од повеќе државни институции.
За учество на состанокот, секој заинтересиран претставник на дијаспората потребно е да достави контакт податоци (име и презиме; назив на здружението/ организацијата што ја претставува и контакт е-пошта и телефонски број) на [email protected] најдоцна до 6 ноември 2025 година (четврток).