23/10/2026
🇲🇰 Македонија се сака со дела, се брани со разум и се гради со храброст!
23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, нè потсетува дека слободата и државноста не ни биле подарени. Тие се плод на пожртвуваноста, истрајноста и борбата на генерации Македонци кои верувале во своја, слободна и достоинствена држава.
Македонскиот народ низ историјата покажал дека е борбен, горд и непокорен, но и дека вистинскиот патриотизам не е омраза кон другиот, туку љубов и одговорност кон сопствената татковина!
Во време кога Европа и нашето соседство се соочуваат со сè погласен радикализам, национализам и поделби, мора да бидеме мудри. Да не дозволиме националните чувства да се злоупотребуваат за дневнополитички интереси. На Македонија ѝ треба обединување, а не политика од која поединци ќе профитираат од поделбите. Ниту и требаат приказни со розови наочари.
Силата на една држава не се мери со гласноста на национализмот, туку со слободата на нејзините граѓани, владеењето на правото и почитувањето на различностите.
Нашата генерација има историска одговорност да ја продолжи борбата, но со знаење, правда, силни институции и економски напредок. Да го чуваме националното достоинство со мудрост, прогресивност и проактивност, да ги штитиме индивидуалните слободи и да градиме општество во кое секој човек има еднакви права и можности. Држава во која младите ќе гледаат иднина, а граѓаните ќе чувствуваат сигурност.
Македонија не смее да биде заложник на минатото, ниту на туѓи интереси. Нејзината иднина мора да ја определуваме самите, со разум, единство и јасна европска перспектива. Зашто нема вистинска национална слобода без слободен поединец, ниту силна држава без достоинствени граѓани.
Најголемата почит кон револуционерите не е само да се сеќаваме на нивната борба, туку да создадеме слободна, праведна и напредна Македонија, која гордо и рамноправно чекори со европските народи, не чекајќи друг да ѝ ја одредува иднината, туку самоуверено, проактивно и со сопствена визија го зазема своето заслужено место во европското семејство! Македонија достојна за нивната жртва и за иднината на генерациите што доаѓаат!
🇲🇰 Честит 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба!