28/05/2026
Македонската Армија, по повод успешното оценување на НАТО целта на способност Лесната пешадиска баталјонска група (ЛПБГ), денес на градскиот стадион во Штип реализираше презентација на дел од воената опрема, возилата и способностите на единиците.
„Добивме печат за извонредност, за квалитет, а тоа е впрочем доказ дека угледот на Армијата не е случаен. Армијата е најголемиот столб и гарант на мирот, на безбедноста и секогаш е таму каде што е најпотребно“ истакна претседателката Сиљановска - Давкова.
Генералот Лафчиски истакна дека овој ден е со цел да го препознаеме подвигот кој го постигнаа припадниците од ЛПБГ, притоа заблагодарувајќи се на сите кои работеа во нејзината изградба и придонесоа таа да биде основа за модерната македонска Армија.
26/05/2026
Во касарната „Илинден“ во Скопје, денеска 26 мај, пред спомен-обележјето на трагично загинатиот постар водник Зоран Јованов, беа одбележани 22 години од неговото загинување.
Постариот водник Зоран Јованов е роден на 13 февруари 1972 година во Скопје. Беше оженет и татко на едно дете, Адријан. Целата негова војничка кариера ја поминал во специјалните единици, најпрво во тогашната ЈНА, а потоа и во Армијата. Во текот на службата работеше како падобранец, а подоцна и како инструктор по падобранство во состав на специјалните единици „Волци“ и „Ренџери“.
Во знак на почит кон неговото дело и жртва, свежо цвеќе пред спомен-обележјето положија претставници од Командата за операции, Извидувачко-разузнавачкиот баталјон, Баталјонот за специјални сили и другите единици стационирани во касарната „Илинден“, како и неговиот син Адријан, братот Јове, роднини и пријатели.
26/05/2026
Армијата на Република Северна Македонија, на 28.05.2026 година (четврток) во период од 10:00 до 14:00 часот, на градскиот стадион во Штип организира презентација на воена опрема, возила и способности на единиците на Армијата.
На настанот кој се реализира по повод успешно реализираната вежба „Блесок 26“, во чии рамки се изврши оценување на борбената готовност (CREVAL) на Лесната пешадиска баталјонска група (ЛПБГ), граѓаните ќе имаат можност да се запознаат со дел од вооружувањето, опремата, возилата и способностите на Армијата, како и со дел од активностите кои секојдневно ги извршуваат припадниците на Армијата во исполнување на својата мисија.
Дополнително ќе може да се проследи:
- показна вежба (алпинистичка), реализирана од Извидувачко-разузнавачкиот баталјон,
- показна вежба со службени кучиња, во реализација на Командата за обука и доктрини,
- показна вежба-боречки вештини, во реализација на Баталјонот на специјални сили,
- показна вежба-егзерцир, во реализација на Баталјонот за почести,
- приказ на наставни медицински помагала за изведување на медицинска обука и демонстрација на укажување на прва помош на повреден, во реализација на Военомедицинскиот центар.
На настанот, работна точка ќе има и Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, Скопје каде граѓаните одблиску ќе може да се запознаат со можностите кои ги нуди оваа високо образовна институција. Свој настап ќе има и Воениот оркестар на Армијата со изведба на музички дела со македонска тематика.
Ги покануваме граѓаните да присуствуваат на настанот.
24/05/2026
Делегација на Армијата, предводена од началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, денес на покана на претседателот на Владата, учествуваше на одбележувањето на празникот на рамноапостолите Св. Кирил и Методиј.
Со положување венец со свежо цвеќе пред споменикот на „Св. Кирил и Методиј“ на кејот во Охрид, делегацијата на Армијата оддаде почит и признание кон делото на Светите Кирил и Методиј, кои се творци на писменоста и културата. Нивното наследство и денес претставува симбол на знаење, културен напредок и духовно богатство.
Во рамки на одбележувањето на празникот, армиската делегација присуствуваше и на свечената церемонија „Од слово до вечност“, која се реализираше во црковниот храм Св.Софија во Охрид.
21/05/2026
Командантот на Здружената команда на сојузничките сили на НАТО во Неапол (Joint Force Command Naples - JFCNP) адмиралот Џорџ М. Викоф, кој е во прва работна посета на Армијата, денес оствари одвоени средби со министерот за одбрана, Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски.
На средбата со генералот Лафчиски се разговараше за актуелната безбедносна состојба во регионот, постигнувањето на НАТО целите на способност, можностите за реализација на вежбовни активности на македонска територија, како и унапредување на интероперабилноста и натамошното зајакнување на соработката во рамки на Алијансата.
Генералот Лафчиски ја истакна посветеноста на Армијата во одржување на високото ниво на подготвеност и професионалност, како и активниот придонес кој Армијата го дава во рамки на мировните мисии КФОР и АЛТЕА, и НАТО активноста „Forward Land Forces“.
Адмиралот Викоф ја поздрави професионалноста и придонесот на Армијата и Министерството за одбрана во рамките на НАТО, изразувајќи поддршка за понатамошно продлабочување на партнерството и соработката со Алијансата.
21/05/2026
Тимовите од Баталјонот на специјални сили, на кои се вршеше реоценување согласно NATO SOFEVAL стандардите, ја потврдија оцената „Подготвени за мисија“.
Македонските Волци на оценувањето кое се изврши во рамки на вежбата „Trojan Footprint 26“ во Република Грција, ја потврдија високата подготвеност и обученост, кои оваа единица ги поседува, при извршувањето на задачите од својата мисија.
20/05/2026
Припадниците на Логистичката база , денеска во касарната „Илинден“ во Скопје со воена свеченост го одбележаа 20 Мај - Денот на Логистичката база, единица која претставува носечки столб на логистичката поддршка во Армијата.
По повод одбележувањето на денот на единицата, пред присутните се обратија: министерот за одбрана, Владо Мисајловски, заменикот на началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин и командантот на Логистичката база, полковник Мухарем Мухареми.
Логистичката база го одбележува 20 Мај во спомен на Разловечкото востание од 1876 година, кога започнале првите организирани логистички подготовки поврзани со востанието. Со одлука на претседателот и врховен командант на Армијата, овој датум е определен за Ден на Логистичката база.
19/05/2026
Делегација на Армијата, предводена од заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, денес присуствуваше на централното одбележување на големиот историски јубилеј – 150 години од Разловечкото востание, кое се одржа во село Разловци, Делчевско.
Во рамки на државните почести, организирани под мотото „Искра за вечна слобода“, армиската делегација положи свежо цвеќе пред спомен-домот на Разловечкото востание во село Разловци, оддавајќи почит кон првиот организиран вооружен крик на македонскиот народ за слобода и независност.
Во пресрет на централната свеченост, во рамки на програмата за одбележување на јубилејот, припадниците на Воениот оркестар од составот на Баталјонот за почести одржаа концерт, додека гардистите изведоа егзерцир.
Припадниците на Армијата дадоа активна логистичка поддршка и учествуваа на традиционалниот марш „По врвиците на востаниците“, со што уште еднаш ја потврдија цврстата поврзаност меѓу Армијата, граѓаните и зачувувањето на традициите.
19/05/2026
Во седиштето на НАТО во Брисел денес се одржа редовниот состанок на Воениот комитет на НАТО во формат на началници на Генералштабови на земјите членки и партнерските држави, на кој учествуваше началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски.
Во рамки на состанокот се дискутираше за актуелните безбедносни предизвици, зајакнувањето на колективното одвраќање и одбрана, интероперабилноста и соработката со партнерските земји.
Во своето обраќање, генералот Лафчиски ја истакна посветеноста на Армијата кон регионалната и колективната безбедност преку учество во меѓународни мисии, операции и НАТО активности, меѓу кои КФОР во Косово, операцијата „АЛТЕА“ во Босна и Херцеговина, како и активноста „Forward Land Forces - FLF“ во Бугарија и Романија.
Дополнително беше нагласена важноста на националната вежба „Блесок 26“, оценувањето на Лесната пешадиска баталјонска група, како и продолжувањето на процесите за модернизација и опремување на Армијата со цел јакнење на нејзината оперативна подготвеност.