13/06/2026
Општина Струмица ја објави Објавата бр. 1/2026 за отуѓување на градежно земјиште по пат на електронско јавно наддавање. На располагање се вкупно 26 неизградени градежни парцели на повеќе локации во Струмица и Муртино, наменети за изградба на станбени куќи, како и за лесна незагадувачка индустрија, сервиси и стоваришта.
Во Блок 41/1 во Струмица се нудат 13 парцели за домување, а во Блок 10 во Струмица и во Муртино уште 13 парцели со индустриска намена. Почетната цена изнесува 61 денар за метар квадратен.
Заинтересираните физички и правни лица можат да се пријават согласно роковите и условите утврдени во објавата, а електронските наддавања ќе се одржат во текот на јули 2026 година.
📌 Повеќе информации за условите, локациите и постапката за учество се достапни во целосната објава на веб-страницата на Општина Струмица.
⬇️⬇️⬇️
https://strumica.gov.mk/javno-naddavanje-gradezni-parceli-2026/
11/06/2026
🛴Општина Струмица, преку алатката Локален совет за превенција започнува со спроведување на кампањата „Безбедно при управување електричен тротинет“.
Во оваа кампања покрај Општина Струмица ќе бидат вклучени СВР Струмица, основните и средните училишта, Родителски фронт и други организации кои имаат надлежност и можат да дадат свој придонес во зголемувањето на безбедноста при нивното управување.
Кампањата ќе се одвива во подолг временски период, во којшто ќе бидат вклучени ученици од сообраќајната струка од државното средно училиште „Никола Карев“. Ќе се врши едукација со поделување на едукативни флаери на клучни точки, пешачки премини и велосипедски патеки.
Со почетокот на новата учебна година, стручни служби од областа во сообраќајот од Општината заедно со стручните луѓе од „Никола Карев“ ќе вршат едукација во училиштата сѐ со цел за поголема безбедност при управувањето на електрични тротинети во сообраќајната мрежа на град Струмица.
09/06/2026
Вечерва во концертната сала на ООМУ „Боро Џони“ во Струмица започна третото издание на Фестивалот „Подиум Ад Астра“, во организација на Здружението Камерата Ад Астра.
Фестивалот претставува платформа за промоција и афирмација на млади македонски музичари, кои преку целовечерни концерти имаат можност да го претстават својот талент пред публиката.
Општина Струмица ја поддржа реализацијата на овој културен настан, а на отворањето присуствуваа членови на Советот на Општина Струмица и претставници од општинската администрација.
Годинешното издание започна со настапот на младата флејтистка Јана Каевска, а фестивалската програма продолжува и во наредните денови со концерти на млади и перспективни македонски уметници.
08/06/2026
Во Градската уметничка галерија денеска беше отворена изложба на дела на ученици од општинските основни и средни училишта насловена „Градот во илјада приказни“.
На овој прекрасен мозаик од таленти, креативност и енергија, присуствуваа голем број посетители, а меѓу нив и градоначалникот Петар Јанков кој ја поддржа оваа иницијатива и им даде можност на младите уметници да ги создадат и презентираат своите дела инспирирани од нашата убава Струмица.
-На едно место се собрани учениците од основните и средните училишта кои преку своите дела ја претставуваат Струмица низ сопствените визии, чувства, сеќавања и соништа. Особена предност на оваа изложба е што младите автори се инспирирани од големите мајстори на уметноста преку различни сликарски и цртачки техники. Тие не само што го покажуваат својот талент, туку ја градат сопствената уметничка идентификација, создавајќи нови визуелни наративи и нови погледи за светот околу нив. Секое училиште носи свој уникатен печат и свој препознатлив пристап кон уметничкото изразување и тоа богатство на рзличностите треба да го негуваме и поддржуваме, затоа што токму од него произлегуваат новите идеи, новите перспективи на идните уметници, рече Таше Пефќев соработник за култура во општина Струмица кој ја отвори изложбата.
На показ на јавноста во Градската уметничка галерија се вкупно 39 дела работени во повеќе техники на млади автори од општинските основни и средни училишта, а сите тие добија благодарници за вложениот труд, креативноста и посветеноста.
08/06/2026
По четирите фестивалски денови исполнети со врвна музика, силни емоции и одлична атмосфера, синоќа заврши првото издание на JAZZ STReam Festival 2026 во Струмица. Фестивалот беше заокружен со настапите на „Летечки пекинезери“ и „Hot Jazz Orchestra“ со Пијан Славеј, кои на публиката и приредија незаборавна завршница на овој нов музички настан.
Во изминатите четири дена Струмица живееше во ритамот на џезот, а бројните посетители имаа можност да уживаат во богата и разновидна програма со врвни домашни и странски музичари. Со успешната реализација на своето прво издание, JAZZ STReam Festival се наметна како нов културен бренд на градот и значаен настан во музичкиот календар на Струмица.
Со успешната реализација на фестивалот, Струмица уште еднаш ја потврди својата посветеност кон културата и музичката уметност, отворајќи простор за нова фестивалска традиција која ќе продолжи да се развива и во иднина.
07/06/2026
Во рамките на програмата на JAZZ STReam Festival 2026, синоќа успешно беше реализирана и третата фестивалска вечер, која донесе уште едно незаборавно музичко доживување за љубителите на џез музиката.
На сцената настапи квартетот Алиќ, Ѓошиќ, Ангелов, Jаневски, кој со својата музичка виртуозност и препознатлив израз ја воодушеви публиката, а вечерта беше заокружена со настапот на групата TRANSVERSE, која донесе дополнителна енергија и свежина во фестивалската програма.
По трите успешни фестивалски денови, вечерва следува завршната програма на JAZZ STReam Festival 2026, со која ќе биде заокружено неговото прво издание.
06/06/2026
Во рамките на фестивалот „Jazz Stream“, кој деновиве се одржува во Струмица, денеска беа реализирани два настана од богатата фестивалска програма.
Во Крафт бар „Вторник“ беше претставена книгата „Press & Play“ од Ненад Георгиевски, дело посветено на музиката, културата и современите уметнички текови.
Во „Рекорд Паб“, пак, се одржа промоција на џез албумот „Day After“ на Горан Алиќ и Александар Таушанов, настан кој привлече бројни љубители на џез музиката и им овозможи непосредна средба со авторите и нивното најново музичко творештво.
Фестивалот „Jazz Stream“ продолжува вечерва и со останатите содржини од програмата, носејќи нови музички и културни доживувања за струмичката публика и посетителите на градот.
06/06/2026
Полските патишта имаат големо значење за жителите од нашите населени места затоа што најголем дел од нив се активни земјоделски подрачја.
Токму кон нив се насочени градежните активности во овој период се со цел да се овозможи полесен пристап кон нивите на нашите земјоделци.
Денеска се работеше во атарот на населеното место Куклиш, а таму со своите сограѓани кои и ја истакнаа потребата од тампонирање и одржување на полските патишта, беше градоначалникот Петар Јанков.
Градоначалникот Јанков и општина Струмица продолжуваат со овие и другите планирани активности во останатите населени места обезбедувајќи рамномерен развој во Општината.